Банката обвини за фалсификат со хипотеката за „Изгрев“
Кредитот од пет милиони евра наменет за реновирање на хотелот никогаш не бил вратен, тврди претставникот на оштетената ЛХБ банка
Кредитот од над 5 милиони евра, кој го зеле браќата Ѓорѓи и Димитар Миладинови од Струга, бил наменски, за реновирање на хотелот „Изгрев“ и никогаш не бил вратен. Ова вчера го тврдеше Матхад Мулиќ, претставник на оштетената ЛХБ банка од Германија на продолжението на судењето за случајот „Изгрев“, за кој, освен браќата, обвинети се уште единаесетмина. Сведочењето на Мулиќ е спротивно на она што го кажаа браќата, дека кредитот бил ненаменски. Според сведочењето на Мулиќ, банката била измамена со помош на фалсификувани документи и потписи.
- Ниту еден од двата кредита не е вратен. Од кредитот од 4 милиони евра вратени беа само три рати, а за оној од 1,2 милион евра вратени се 600.000 евра - рече Мулиќ.
Тој објасни дека ЛХБ банка никогаш не испратила изјава дека ја брише хипотеката на хотелот. Според него, хипотеката на хотелот била избришана со фалсификат, за што поднеле и кривична пријава против непознат сторител.
- Нема логика нашата банка во март 2005 година да дава изјава за бришење на хипотека ставена во април 2005 година - објасни тој.
За адвокатите на обвинетите, сведочењето на Мулиќ е конструкција на обвинителството. Одбраната бурно реагираше на секој одговор од Мулиќ, а посебно ги револтира фактот што сведокот извади записник од минатите рочишта и даваше спротивставени одговори на тврдењата на обвинетите браќа. Адвокатите тврдеа дека сведок и оштетен во постапката не смее да има записници од судењето.
На претходните рочишта Ѓорѓи и Димитар Миладинови тврдеа дека кредитот не бил наменски. Со документи во рацете Мулиќ вчера го тврдеше спротивното. Тој рече дека намената на кредитот била реновирање на хотелот, а за тоа покажа и физибилити студија.
Браќата се обвинети дека во 2004 година со измама зеле два кредита од над 5 милиони евра од ЛХБ банка од Германија. Според обвинението, кредитот бил наменски - за реновирање на хотелот „Изгрев“, но, браќата Миладинови извршиле трансакции и префрлања пари на сметки на фирми и банки, со што според обвинението, ги испрале, односно „ја прикриле сопственоста и изворот на парите“.
Во своето сведочење второобвинетиот Ѓорѓи Миладинов рече дека зад обвинувањата дека измамил банка за да земе кредит и дека ги перел земените пари, стојат интереси на неговиот поранешен бизнис-партнер Зоран Азманов и банката ЛХБ. На листата со сведоци е и Азманов, кој вчера се појави на рочиштето, но ќе биде испрашан на едно од наредните рочишта.
|